Второто коло во машката младинска лига целосно им припадна на гостите, кои победија на сите четири натпревари. На терените беа постигнати дури 276 гола, а најголемата драма беше видена во Охрид, каде Еурофарм Пелистер 2 со серија од 5-0 во финишот стигна до голем пресврт.
По две кола максимален ефект имаат Мулти Есенс и Бутел, додека најефикасен поединец во оваа рунда беше Михаил Арсиќ со 15 погодоци.
Пелистер 2 со 5-0 во финишот го шокира Охрид
Највозбудливиот натпревар во колото го одиграа Охрид и Еурофарм Пелистер 2. Во првото полувреме ниту една екипа не успеа да се одлепи, па по бројните израмнувања на паузата се замина со 17-17.
Неизвесноста продолжи и во вториот дел, но охриѓани во завршницата изгледаа поблиску до победата. Домаќинот во 56. минута поведе со 34-31, по што целосно застана во нападот. Битолчани го искористија тоа и со пет последователни погодоци направија целосен пресврт за триумф од 36-34.
Стефан Лазаревски беше најефикасен кај победникот со девет гола, додека Тео Спировски, Горазд Мијалчев, Андреј Дамчевски и Стефан Василевски постигнаа по пет. Кај Охрид, Матео Сиљаноски погоди осумпати, а Тане Јанчески и Илија Трајчески запишаа по шест гола.
Бутел се врати од 0-5 и го доби дербито со Вардар
Вардар одлично го отвори градското дерби и по неполни шест минути водеше со 5-0, а во 15. минута беше 10-5. Бутел не се откажа и постепено ја намалуваше негативата. При резултат 15-15 гостите постигнаа четири гола без одговор и на паузата заминаа со водство од 19-15.
Бутел во вториот дел стигна и до највисоки седум гола разлика, 24-17, но „црвено-црните“ се вратија, израмнија на 24-24, а во 48. минута поведоа со 28-27. Последното израмнување беше на 30-30, по што Бутел подобро ги одигра решавачките минути и славеше со 35-33.
Димитар Симовски, Трајче Костов, Лука Јовиќ и Давид Аврамовски постигнаа по шест гола за Бутел. Кај Вардар се истакнаа Давор Мецкароски со осум и Давор Крстески со шест погодоци.
Арсиќ го предводеше налетот на сино-белите
Младите сино-бели од Автокоманда најголемиот дел од работата против Еурофарм Пелистер го завршија уште во првото полувреме. По почетните 2-2, гостите се одлепија на 8-3, а откако битолчани намалија на 10-7, следуваше серија од 5-0 за водство од 15-7.
На полувреме беше убедливи 22-12 за составот од Автокоманда. Во продолжението предноста достигна и 11 гола, 29-18. Еурофарм Пелистер го доби второто полувреме, но можеше само да го ублажи поразот на конечни 34-39.
Фантастичен натпревар одигра Михаил Арсиќ со дури 15 погодоци, Кирил Гошевски постигна десет, а Борјан Црцаревски шест. Кај битолчани најефикасни беа Илија Трајчевски со седум и Матеј Мачковски со шест гола.
„Витамините“ убедливи и осамени на врвот
Мулти Есенс ја забележа најубедливата победа во колото, откако на гостувањето кај Илинден славеше со 43-22. Домаќинот го постигна првиот гол, но гостите брзо ја презедоа контролата и во 14. минута поведоа со 10-4.
На полувреме имаа високи 20-9, а дилемите околу победникот беа отстранети на почетокот од вториот дел. По водството од 24-11, гостите направија серија од 6-0 и стигнаа до недостижни 30-11.
Јован Петрески беше прв стрелец кај победникот со седум гола, додека Христијан Ангеловски и Матео Костоски постигнаа по пет. Кај Илинден, Милан Стојевски имаше шест, а Леон Николов и Матеј Златановски по четири погодоци.
Младинска машка лига – 2. коло:
Вардар 1961 – Бутел 33-35 (15-19)
Охрид – Еурофарм Пелистер 2 34-36 (17-17)
Еурофарм Пелистер – Алкалоид Ракомет 34-39 (12-22)
Илинден – Мулти Есенс 22-43 (9-20)
Табела: Мулти Есенс и Бутел по 4 бода, Вардар, Еурофарм Пелистер 2, Охрид и Алкалоид по 2 бода.
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet . Со еден клик до сите вести.

























