Ракометарите на Драчево Јуниор ја запишаа првата победа во новата сезона од прволигашката конкуренција, откако во претходните две кола ремизираа со Вардар Неготино дома и Радовиш на гостински терен.
Избраниците на Велимир Настески ја оправдаа фаворитската улога и го совладаа составот на Овче Поле со убедливи 33-25.
Гостите од Свети Николе парираа петнаесетина минути кога беше 7-7, а потоа се беше во знакот на домашните ракометари.
На паузата Драчево Јуниор имаше плус осум, 19-11, а второто полувреме беше само формално одработување на задачата.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа искусниот Крстески со пет гола, додека квартетот Младеновски, Пецаковски, Панчевски и Фидановски постигнаа по четири. Во составот на Овче Поле се истакна Филип Петровски со шест погодоци.

























