Македонија Ѓорче Петров како брз воз низ Гостивар

По изненадувачкиот пораз на домашен терен од Текстилец, тимот на Македонија Ѓорче Петров се врати на победничките патеки во Првата лига.

„Лавовите“ славеа на гостински терен кај Јехона со убедливи 35-23, а победникот беше решен уште по првото полувреме.

Гостите поведоа со 4-1, па 11-3 по дваесетина минути игра и веќе немаше дилеми која екипа ќе ги освои бодовите во оваа пресметка.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Мартин Бучуковски со 11 и Стефан Нацев со седум гола, додека кај Јехона, шест гола даде Јовица Костоски.

Во следното коло, Јехона ќе игра дома со Аеродром, додека Македонија Ѓорче Петров ќе го пречека Партизан Гевгелија.