„Црвено-црните“ имаа одговор на секој налет на домаќинот и со одлична завршница стигнаа до убедлив триумф од 35-27. Тиквеш во второто полувреме се доближи на само еден гол, но немаше сили за целосен пресврт, па бодовите отпатуваа за Скопје.
Вардар ја оправда фаворитската улога на гостувањето во Кавадарци и го совлада Тиквеш со 35-27, откако на полувремето водеше со 18-14.
Актуелниот шампион настапи значително ослабен, без Вукашин Воркапиќ, Милан Бомаштар, Жоао Педро и Марио Стојановски. Добра вест за црвено-црните беше враќањето на Милан Лазаревски, кој по неколкунеделната пауза повторно доби минутажа.
Тиквеш подобро го отвори натпреварот и во четвртата минута поведе со 4-2. Вардар брзо израмни на 4-4, но домаќинот продолжи да му парира на фаворитот и до средината на првото полувреме резултатот беше речиси постојано израмнет.
По 6-6, Вардар преку Кристијан Анастасовски и Урош Митровиќ првпат стигна до два гола предност, 8-6. Тиквеш намали на 8-7, но следуваше подобар период на гостите. Матео Фадуил и Гоце Георгиевски погодија за 10-7, а црвено-црните постепено ја зголемуваа разликата.
Кавадарчани се вратија на 12-10, но Вардар со нова серија стигна до највисоки 18-12. Тиквеш со последните два погодоци во првиот дел ја намали негативата и на паузата замина со четири гола негатива, 14-18.
Домаќинот не се предаде и одлично го започна второто полувреме. Мохамед Азиз Бен Махфуд постигна неколку важни погодоци, а Мики Лазов во 37. минута намали на 20-19. Тиквеш имаше можност целосно да се врати во натпреварот, но Вардар му дозволи само да се надева на изненадување.
Урош Митровиќ ја прекина серијата на домаќинот, а Леон Љевар и Гоце Георгиевски погодија од контранапади за ново одлепување на 23-20. Милош Валах одбрани седмерец при 24-21, по што на сцена стапи Јака Малус.
Словенечкиот интернационалец постигна три последователни гола и за помалку од две минути ја зголеми предноста на Вардар на 27-21. Тиквеш уште еднаш се доближи на три гола, 29-26, но тоа беше последниот обид на домаќинот да го направи натпреварот неизвесен.
Во завршните осум минути Вардар направи серија од 6-1. Малус, Анастасовски, Бобан Поповски и Мохаб Абделхак ги казнија грешките на домаќинот и му донесоа на својот тим убедлив триумф од 35-27.
Матео Фадуил беше најефикасен во победничкиот состав со седум гола, Леон Љевар постигна шест, Јака Малус пет, додека Гоце Георгиевски и Мохаб Абделхак завршија со по четири погодоци. Милош Валах имаше 11, а Васил Гогов три интервенции.
Кај Тиквеш се истакна Тоше Ончев со шест гола, додека Мохамед Азиз Бен Махфуд постигна пет.
Сенка врз натпреварот фрли повредата на Димитар Коцев во самиот финиш. Ракометарот на Тиквеш беше изнесен од теренот, по што беше пренесен во болница.
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet . Со еден клик до сите вести.

























