Келце очајно трага по десен бек – по Македа и Степанчиќ, во комбинација влезе уште еден

По повредата на Доминик Мате, полскиот шампион Келце е во потрага по нов десен бек што ќе му прави друштво на Алекс Душебаев.

Според пишувањата на медиумите, во комбинација досега се петмина ракометари, а последен во низата е членот на Данкерк, Том Пелајо.

Францускиот интернационалец игра во одлична форма оваа сезона и го привлече вниманието на тренерот Душебаев и раководството на Келце.

Тој има 27 години, беше дел од кадетската и младинската селекција на Франција, но никогаш не доби шанса кај сениорите.

Покрај Пелајо, во комбинација за десен бек во Келце се Јуре Доленец и Лука Степанчиќ чии договори со Лимож и ПИК Сегед истекуваат ова лето, како и Фарук Јусуф, кој е играч на Келце, но позајмен во Лимож до 2025 година. Полскиот тим се интересира и за Хорхе Македа, кој има договор со Нант до 2025 година.