Кадетите и младинците ќе играат на ЕП, а таму ги чекаaт – комплициран систем и Шпанија, Шведска, Германија…

Европската ракометна федерација реши од оваа година да ги прошири и кадетските и младинските првенства во машка и женска конкуренција од 16 на 24 учесници. Македонските кадети своето место на ЕП го обезбедија на квалификацискиот турнир во Скопје со победите над Словачка и Косово, додека младинците со титулата на ЕХФ шампионатот како кадети во Летонија во 2022 година.

Европските првенства ќе имаат и нов систем на играње, кој е малку комплициран и дополнително ќе треба да биде потврден од Европската куќа на ракометот. Згора на се, и кадетите и младинците ќе бидат рангирани во третиот или четвртиот шешир, па нема да имаат лесни ривали во групната фаза.

Ќе бидат формирани шест групи по четири екипи, а по одигрувањето на трите меча од групната фаза, 24 селекции се делат во три дела – главна рунда со осум репрезентации, разигрување за пласман на СП со осум репрезентации и разигрување за пласман и опстанок на ЕП со осум репрезентации.

Она што е сигурно е дека ќе се одиграат 96 натпревари на ЕП, а секоја репрезентација загарантирано ќе одигра по осум натпревари (три во групна фаза, три во главна рунда/разигрување за место на СП/разигрување за опстанок и плус два меча за пласман).

Само првопласираните шест селекции по групната фаза имаат загарантирано место во главната рунда, а дополнително уште две второпласирани ќе играат во главна рунда. ЕХФ треба да го потврди и начинот на кои ќе бидат одредени тие селекции и како ќе се формираат групите за разигрување за место на СП и оние за опстанок на ЕП.

Сите детали околу системот на играње, пропозициите што ќе важат во двете категории од ЕП 2026 години, рангирање пред ждрепка, ждрепка и салите во кои ќе се играат натпреварите, ЕХФ ќе ги објави во најскоро време.

Европско првенство, кадети, Црна Гора (7-18 август)

шешир 1: Шпанија, Шведска, Германија, Хрватска, Данска, Исланд
шешир 2: Унгарија, Словенија, Португалија, Норвешка, Франција, Србија
шешир 3: Фарски Острови, Италија, Чешка, Австрија, Израел, Македонија
шешир 4: Полска, Црна Гора, Швајцарија, Романија, Украина, Грција

*распоредот по шеширите е направен според ранкингот на кадетските репрезентации за последните три години, а доколку ЕХФ го земе во предвид и пласманот на квалификациските турнири, тогаш Македонија ќе биде во последниот шешир.

Европско првенство, младинци, Словенија (10-21 јули)

шешир 1: Шпанија, Шведска, Германија, Унгарија, Хрватска, Данска
шешир 2: Норвешка, Португалија, Фарски Острови, Исланд, Словенија, Црна Гора
шешир 3: Србија, Франција, Полска, Италија, Чешка, Израел 
шешир 4: Македонија, Швајцарија, Австрија, Украина, Романија, Грција

*распоредот по шеширите е направен според ранкингот на младинските репрезентации на последното ЕП 2022 и ЕХФ шампионатите во 2022 година. Македонија би можела да се најде и во третиот шешир, но за тоа ќе треба потврда од ЕХФ.