Актуелниот европски и шпански шампион Барселона продолжува со промовирање на млади ракометари од сопствениот погон. Каталонскиот гигант потврди дека 20-годишниот Ориол Сан Фелипе од сезоната 2026/27 ќе биде дел од првиот тим.
Станува збор за лев бек кој во изминатите две сезони беше еден од лидерите на вториот состав на Барселона. Во минатата сезона во Втората шпанска лига постигна 53 гола на 28 натпревари, а воедно редовно тренираше со сениорскиот тим под водство на Карлос Ортега.
Сан Фелипе дебитираше за првиот тим во февруари 2025 година, во натпревар од групната фаза на Лигата на шампионите против ПИК Сегед.
По дебито во елитното европско натпреварување, младиот ракометар одигра и пет натпревари во шпанското првенство, на кои постигна осум гола.
Сан Фелипе е продукт на школата на Барселона, низ која минал од најмладите категории, па сè до вториот тим.
Каталонскиот клуб со овој потег уште еднаш потврдува дека, покрај големите засилувања, сериозно смета и на младите таленти кои доаѓаат од сопствениот погон.
























