ПСЖ ја започна новата сезона на најдобар можен начин, откако во мечот за Супер Куп трофејот го совлада Монпелје со 21:20 во исклучително неизвесен натпревар.
Монпелје подобро го одигра првото полувреме и на пауза замина со предност од 12:8. Голманот Реми Дебоне беше одличен на голот и до одморот собра девет интервенции, додека Касадо постигна пет гола.
Во второто полувреме, сепак, ПСЖ покажа сосема поинакво лице. Голем херој беше Микел Ловквист, кој во вториот дел запиша десет одбрани и му даде огромен придонес на својот тим во пресвртот.
ПСЖ полека ја топеше негативатаат, а по израмнувањето на 13:13 следуваше вистинска драма на теренот.
Во самиот финиш, Феран Соле ја презеде одговорноста и со три реализирани седмерци му донесе на ПСЖ предност од 21:19 во 59. минута.
Монпелје успеа да намали и во последните секунди да внесе дополнителна неизвесност, но парижаните издржаа и го сочуваа минималното водство за 21:20 и освојување на трофејот.
За ПСЖ ова е одличен старт на сезоната, но натпреварот ќе остане запаметен и по историскиот момент за Лука Карабатиќ. Францускиот репрезентативец со овој трофеј стана најтрофејниот играч во историјата на ПСЖ – освои вкупно 22 титули.


























