Јевтиќ: Во плеј-офот ќе го покажеме своето право лице

Бутел Скопје во заостанатиот натпревар од 9. коло против Вардар доживеа пораз од шест гола разлика, 26:20.

Бутелци имаа лош старт, губеа со 9:2, но во останатиот дел од натпреварот се консолидираа и му правеа големи проблеми на „црвено-црните“.

Кружниот напаѓач на Бутел, Владимир Јевтиќ, имаше свој коментар после изгубената битка со Вардар и како причина за поразот го наведе лошит почеток.

,,Лошо го стартувавме натпреварот, бевме лоши, имавме многу технички грешки, премногу промашени зицери, нивниот голман беше фантастичен на почетокот, реално, мечот го загубивме на негатива од 10:4, ние дадовме се од себе да се вратиме, се боревме, но беше многу тешко, со ваква екипа не е доволно да се бориш само машки, со ваква екипа мора да бидеме перфектни тоа ние денеска тоа не бевме, во второто полувреме дојдовме на два до три разлика неколку пати и на крај заврши шест разлика, што малку можеби е премногу, но реално, подобрата екипа победи. На крај останува да победиме на оние натпревари кои мора да ги добиеме”, изјави Јевтиќ.

Искусниот ракометар смета дека Бутел Скопје ќе има што да покаже доколку обезбеди пласман во плеј-оф фазата.

,,Ова ми е трета сезона во Бутел Скопје, некогаш морам да ја преземам лидерската улога како еден од постарите во тимот, подмладена екипа се, имаме нов тренер, но на моменти покажуваме зрела екипа и на моменти покажуваме дека можеме да направиме добар резултат и мислам дека дури во плеј-офот ќе го покажеме правото лице, а јас искрено мислам дека можеме многу подобро од прикажаното во досегашниот тек”, заврши Јевтиќ.

Бутел Скопје за ривал во 10. коло во суперлигашката конкуренција го има тимот на Мулти Есенс.

Бутел пружи отпор, но Вардар слави триумф