Maкедонскиот шампион Еурофарм Пелистер го очекува последниот настап во Лигата на шампионите оваа година.
Во Битола доаѓа полскиот првак Висла Плоцк, кој е во битка со нашиот тим и со данската Фредериција за последното место што води во елиминациите.
Висла Плоцк добро ја познава голманот Филип Ивиќ, кој дел од својата кариера ја мина во полскиот шампионат.
Хрватскиот интернационалец имаше пофални зборови за тимот на Хавиер Сабате.
„За нас следи најважниот натпревар во полусезоната. Со победа си отвораме пат за место во елиминационата фаза и мораме да дадеме максимум и носени од нашата публика ќе се обидеме да победиме. Висла е врвна екипа, вложува многу во структурата на клубот и полскиот ракомет. Кога играв за Келце, тогаш победувавме и во првенството и во Купот, а сега нешто се промени. Иако Келце мој клуб во Полска, драго ми е за развојот на Висла заради хрватските ракометари и мои пријатели, Михиќ, Алиловиќ и останатите”, изјави Ивиќ.
Искусниот голман се осврна на досега одиграното, истканувајќи дека неговиот тим можел да има уште по некој бод на свое конто.
,,Нашата екипа е подготвена, со новиот тренер добивме нов „ветер во грб“ и мислам дека сме на добар пат да покажеме колку можеме. Висла е врвен ривал, но за нас најважно е да го оставиме срцето на терен. Четирите бода многу ни значат, но мислам дека можевме да имаме и некој бод повеќе. Сепак, можевме и да имаме некој бод помалку. За разлика од минатата сезона и долгото отсуство од Лигата на шампионите веќе направивме исчекор. Ова е само почеток, овој клуб и овој град заслужуваат многу повеќе. Јас лично и целиот клуб работиме напорно на прогресот, да освојуваме бодови и да се надградуваме. На почетокот тоа изгледаше како само да учествуваме во Лигата на шампионите, но тоа нам како спортисти воопшто не ни се допадна. Имаме четири бода, ни следат уште неколку натпревари и ќе се обидеме да собереме уште повеќе бодови. Победата во Данска ни даде голем „ветар“ за понатаму“, рече Ивиќ.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Висла Плоцк се игра утревечер во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:45 часот.