Големи полемики во јавноста предизвикаа цените на билетите за натпреварите од Мундијалот во Хрватска, Данска и Норвешка.
Особено тоа важи за цените во Вараждин, кои се дупло повисоки отколку цените за натпреварите на Хрватска во Загреб. Тоа беше еден од факторите што голем број македонски навивачи не се решија да останат во Вараждин за втората фаза од натпреварувањето.
Претседателот на Хрватскиот Ракометен Сојуз, Томислав Граховац ја прокоментира ценовната политика на СП.
„Цените на билетите мора да бидат приближно колку во Данска и Норвешка. Кај нас цените се дури пониски од оние во Скандинавија“, изјави Граховац за ХРТ.
Најефтините билети за прелиминарната рунда во Загреб беа 25 евра, додека во Пореч и Вараждин беа по 50 евра, додека за главната рунда најефтините во Загреб се 40 евра, додека во Вараждин се по 80 евра.
Во Данска цените на билетите за прелиминарната рунда беа од 38 до 165 евра, додека во Норвешка од 30 до 68 евра.