Прилеп не запира – врза десет победи по ред, падна и Пролет!

Екипата на Прилеп продолжува да доминира во суперлигашкиот плеј-аут, откако пред својата публика славеше против Пролет со 29-27 и ја запиша деветтата победа во разигрувањето за опстанок, а вкупно десетта по ред.

Прилепчани уште еднаш покажаа дека се во фантастична форма и сигурно го чуваат лидерското место во битката за опстанок во елитното друштво.

Домашниот тим одигра одлично прво полувреме и по израмнетиот старт се чини дека успеа да го скрши отпорот на скопјани. Со силен финиш пред паузата, Прилеп замина на одмор со солидна предност од 18-14.

Во вториот дел следуваше голема драма. Пролет полека ја топеше негативата и во самиот финиш дури успеа да поведе со 24-25. Сепак, кога требаше да го направат завршниот чекор кон триумф, гостите попуштија, а Прилеп со серија од три гола ја врати контролата и стигна до нов триумф.

Најефикасен кај победничкиот состав беше Никола Шипинкоски со седум погодоци, Димитар Димитриоски додаде шест, додека голманот Иван Ангелески забележа девет интервенции. Кај Пролет најрасположен беше Андреј Стојановски со седум гола.

Во последното коло од сезоната Прилеп гостува кај Еурофарм Пелистер 2, додека Пролет ќе го пречека Куманово.