Ѓорѓиевска даде 13 гола, Чаир им се врати на победите

Екипата на Чаир им се врати на победите во Женската лига, откако на гостувањето кај Вардар триумфираше со 37:34, во натпревар од 15. коло од плеј-оф фазата.

Избраничките на Басри Љатифи водеа во текот на целиот натпревар, а домашниот тим само во еден момент од првото полувреме успеа да израмни на 8:8. сè останамина во знакот на вицепрвакот.

Чаир на полувреме замина со плус шест, 17:11, во вториот дел дојде до поизразена предност, но во финишот се опушти, па така вардарки се изборија за поблаг пораз.

Одлична партија во дресот на Чаир имаше левото крило Стефанија Ѓорѓиевска со 13 погодоци, сите од игра, осум постигна Биљана Дамчевска, а пет додаде Теодора Дукоска.

Кај Вардар, прв стрелец беше Леона Миленковска со десет погодоци, три помалку имаше Марија Голабоска.