Ракометарките на Ѓорче Петров остануваат непоразени во досегашниот тек од Женската лига, откако на свој терен славеа против поранешниот шампион Куманово со 33:19 во натпревар од 14. коло од плеј-оф фазата.
Куманово парираше колку што дозволија „лавиците“, на моменти беше повеќе од рамноправен ривал, но домашната екипа со подобрата игра во завршниот дел од првото полувреме успеа да создаде солидна предност и на пауза замина со плус четири, 14:10.
Веќе во вториот дел до израз дојде квалитетот меѓу двете екипи, па така актуелниот шампион од минута во минута започна постепено да да зголемува својата предност за конечни 33:19.
Најефикасна во победничката екипа беше Ана Вранчиќ со осум погодоци, шест имаше Катерина Дамјановска, а пет пати во листата на стрелците се запиша Ивана Дежиќ.
Сузана Зечевиќ постигна десет погодоци во поразениот табор, а пет реализации имаше Сара Цветановска.
Ѓорче Петров во следното коло ќе гостува кај Металург Автокоманда, додека Куманово на свој терен ќе го пречека Астибо и ќе има голема шанса да им се врати на победите во единственото женско сениорско домашно натпреварување.