Шведскиот плејмејкер Аксел Мансон нема да го облече дресот на ХОЈ, иако претходно беше договорен негов трансфер во данскиот клуб.
Причината за промената на одлуката е испаѓањето на ХОЈ во Втората лига, по што Мансон решил да ја продолжи кариерата на повисоко ниво.
„Можам да потврдам дека Монсон не сакаше да игра во втората дивизија. Искрено сум разочаран и лично, и во име на клубот. Но, по разговорите што ги имавме со него, ја разбираме неговата одлука“, изјави извршниот директор на ХОЈ.
Според данските медиуми, шведскиот ракометар веќе ги поминал лекарските прегледи во Скјерн и наскоро би требало официјално да стане нов член на овој клуб.
Мансон зад себе има одлична сезона, откако беше најдобар стрелец во Лигата на Европа и му даде 22 гола на Вардар во два меча меѓу Кристијанштад и македонскиот тим, па не е изненадување што не сака да настапува во второлигашка конкуренција.
И покрај испаѓањето, дел од звучните имиња остануваат верни на ХОЈ и ќе му помогнат во обидот за експресно враќање во елитата. Меѓу нив се данскиот репрезентативец Ласе Андерсон, искусниот голман Јаник Грин и норвешкиот пикер Томас Солстад.
























