Наследникот на Штербик останува на позајмица во Ла Риоха

Репрезентативецот на Унгарија, Кристоф Паласич, ќе продолжи да брани во Асобал лигата, поточно во тимот на Ла Риоха.

Унгарскиот шампион Веспрем соопшти дека 21-годишниот голман ќе остане на позајмица во шпанскиот клуб.

Веспрем на почетокот на тековната сезона, поради големата конкуренција на голот, одлучи Паласич да го испрати на позајмица во Шпанија.

Во Унгарија младиот голман го сметаат за наследник на легендарниот Арпад Штербик, кој во својата кариера, освен за Веспрем и Барселона, бранеше и за Вардар.

Големата надеж на Унгарија ги оправда очекувањата на челниците на Ла Риоха и беше еден од најзаслужните за добрите партии во првиот дел од сезоната.

Екипата на Ла Риоха моментално се наоѓа на 3. позиција во Асобал лигата и сигурно ќе го продолжи учеството на европска сцена следната сезона.