Македонска музика, два трофеи и „црвено-црна“ еуфорија пред Нант: Вардар ја најави фан-зоната!

Вардар подготвува вистински ракометен спектакл пред натпреварот со Нант во Лигата на шампионите. Во среда, два часа пред почетокот на дуелот, на платото пред салата ќе биде организирана голема црвено-црна фан зона, наменета за сите навивачи на клубот.

Забавата ќе започне во 16:45 часот, а присутните ќе можат да уживаат во музичка програма, пијалоци и различни активности.

Во чест на 35 години од независноста на Македонија, целокупната музичка програма ќе биде посветена на македонската музика, со што Вардар сака заедно со своите навивачи да го најави големиот европски натпревар.

Посебна можност ќе имаат и најмладите навивачи, но и сите оние кои сакаат да се дружат со дел од ракометарите на Вардар кои поради различни причини нема да бидат во составот за натпреварот, како и со младите категории на клубот.

Една од главните атракции ќе бидат двата трофеи од Лигата на шампионите, освоени од Вардар во 2017 и 2019 година. Пехарите ќе бидат изложени во фан зоната, а навивачите ќе имаат можност да се фотографираат со највредните трофеи во историјата на клубот.

„Црвено-црните“ навивачи во среда ќе имаат уште една можност да покажат како изгледа атмосферата во Скопје и да испратат моќна слика до цела европска ракометна јавност.

Фан зоната започнува во 16:45 часот, а мечот Вардар – Нант е закажан за 18:45 часот.