„Гаучосите“ го разнесоа Бразил: Аргентина оди на Олимписките игри!

Селекцијата на Аргентина стана четвртиот учесник на Олимписките игри што ќе се одржат во Франција следното лето.

„Гаучосите“ во финалето на Пан Американските игри беа подобри од големиот ривал Бразил и го победија со убедливи 32-25.

По првото полувреме Аргентинците ја имаа предноста, 16-14, а по одлично одиграниот втор дел следуваше голема радост.

Најдобри во победничкиот состав беа Боно со шест, како и Пизаро и Баронето со по пет гола, додека блескаше голманот Бар со 13 одбрани. Кај Бразил, Дупуа даде шест гола, а Лангаро и Монте стрелаа по четири пати.

Бразилците ќе мора да се задоволат со место во интерконтиненталните квалификации за ОИ што ќе се играат во март догодина.

Претходно учество на ОИ обезбедија домаќинот Франција, Данска и Јапонија, во јануари ќе бидат познати уште два по завршувањето на Европското и Африканското првенство.