Гачевиќ: Против Вардар секогаш е тешко да се игра, ќе се обидеме да стигнеме до нова сензација

Ракометарите на Тиквеш по поразот од вицепрвакот на домашен терен ги очекува нов тежок натпревар во суперлигашкиот плеј-оф.

Кавадарчани ќе му гостуваат на Вардар, кој го совладаа веќе еднаш во „Јасмин“, но сега „црвено-црните“ се вратија во битката за титулата и сигурно ќе посакуваат одмазда.

Левиот бек Спасоје Гачевиќ игра во одлична форма во последно време и смета дека Тиквеш може до нова сензација.

„Очекуваме тежок натпревар, како што е секогаш кога играте против екипа како што е Вардар. Ќе дадеме се од себе и ќе се обидеме да ја повториме сензацијата што се случи во Кавадарци“, вели Гачевиќ.

Иако Тиквеш сега заостанува на петтото место, сепак има уште пет натпревари до крајот на сезоната за да може да се обезбеди повисока позиција.

„Додека има шанси ќе се бориме, секако дека сега е потешко, но ние на секој натпревар влегуваме со цел да одиграме што подобро и да освоиме бодови. Останува жал поради тоа што не освоивме бодови против Охрид и Алкалоид, иако се боревме максимално на тие натпревари, но тоа е што е, одиме понатаму“, продолжува Гачевиќ.

Српскиот бек смета дека опасност на саботниот натпревар доаѓа од сите вардарци.

„Вардар е екипа што има одлични индивидуалци на сите позиции, но мислам дека тимската игра е нивна предност, исто како и кај нас. Тие имаат одлични бекови, некои од нив ги познавам многу добро и одамна, а тука се и одличните крила, така што сигурно не очекува и тежок ривал и тежок натпревар“, заврши Гачевиќ.

Натпреварот меѓу Вардар и Тиквеш се игра в сабота од 18:00 часот во СЦ „Јане Сандански“.