Фабрика за сладолед ќе го спасува европскиот првак

На почетокот на оваа година норвешкиот шампион Вајперс Кристијансад објави дека има финансиски проблеми.

Според пишувањата на норвешкиот весник „ВГ“ на Вајперс Кристијансад му се потребни 6.000.000 круни (околу 525.000 евра) за да преживее до крајот на сезоната.

Раководството на клубот во изминатиот период активно работеше во пронаоѓање нови спонзори за да избегне банкрот.

Во потрагата по нови спонзори учествуваа и ракометарките, кои ги контактираа локалните компании и мали претпријатија во Кристијансад барајќи потенцијално спонзорство или симболична помош.

Најверојатно, клубот во кој што игра легендарната Катрин Лунде, ќе излезе од финансиската криза и ќе продолжи да сонува за уште една титула во европската елита.

Главниот спонзор на клубот, локалната фабрика за сладолед Хениг Олсен, донирала околу 4 милиони круни, што покрива речиси 70% од потребниот буџет, пренесува порталот NRK.no.

Доколку информациите од споменатиот медиум се точни, тогаш Вајперс Кристијансад ќе ја избегне судбината на некогашниот европски гигант Ларвик.