Ракометарите на Еурофарм Пелистер на последниот домашен натпревар од Лигата на шампионите беа поразени од Алборг со 33:28. Пелистерци во последното коло, во кое ќе атакуваат на првите бодови, ќе се соочат против Колстад.
Натпреварот во спортската сала „Боро Чурлевски“ го отворија гостите со голот на Арнолдсен, но пелистерци бргу возвратија за 1:1, а по пет минути игра ја презедоа иницијативата на теренот, откако по нерешени 3:3 реализираа за 4:3. Гостинот од Данска по десетина минути игра ја врати предноста, но немаа голема комоција во играта.
Алборг победуваше, македонскиот шампион израмнуваше, па така резултатот по 15 минути игра беше 8:8. До тој период, голманот на Еурофарм Пелистер, Урбан Лесјак, имаше две интервенции, додека славниот Ландин само една одбрана. Во нападот на Еурофарм Пелистер одлично функционираa Кузмановски и Борзаш, двајцата беа незадржливи на теренот.
По 20 минути игра, односно по нерешените 10:10, данскиот тим за првпат се одлепи на плус два, 12:10. Алборг до 25 минута водеше со еден до два гола разлика, потоа дојде до 15:12 и трите гола предност за избраниците на Стефан Мадсен беа доволни да имаат помирна игра во завршниот дел и на пауза да заминат со 17:14.
На почетокот на вториот дел Алборг за две-три минути постигна три гола во низа и дојде до 20:14. Во тој момент беше скршен отпорот на домаќините, кои во продолжението не можеа да му парираат на гостинот. Во 40 минута предноста на Алборг беше 24:17, десет минути подоцна 27:23. Тука беше јасно дека бодовите ќе ги освојат гостинските ракометари.
Најефикасни во домашниот табор беа Филип Кузмановски со девет и Урош Борзаш со шест погодоци. Кај Алборг најефикасни беа крилата на Норвешка, Себастијан Бархолд и Кристијан Бјорнсен.