Македонскиот првак Еурофарм Пелистер има реми на полувреме против Загреб, 10-10, на мечот од 5 коло во Лигата на шампионите. Во „Арена Загреб“ се одиграат 30 минути со 15 технички грешки на двете страни, а дури 11 кај домашните, но пелистерци не го материјализираа тоа.
Во првите десетина минути се играше гол за гол, 3-3, а двајцата голмани Мандиќ и Лесјак имаа по две одбрани. Павле Петровиќ го заработи второто исклучување откако претходно промаши контра, а потоа имаше и остар старт.
Промашија Кос и Моралес на два пати, но потоа се реваншираше и Цехте на спротивната страна, па Загреб казни за 4-3 преку Кларица. Во продолжение одново по неколку грешки на двете страни и период без погодоци.
Лесјак им фати еден зицер на домашните, а на спротивната страна по домашното водство од 5-3, македонскиот шампион израмни на 5-5 преку Тајник и Борзаш. Следуваше уште една грешка на Загреб, потоа пелистерци изнудија пенал, кој го реализира Сери за 6-5, предност на пелистерци.
Мандиќ им фати три удари на битолчани, а неговите соиграчи казнија и Загреб вторпат на мечот водеше со два гола, 8-6. Сега беше редот на избраниците на Шоштариќ за грешки, па нововлезениот Костески реализираше, претходно и Петровиќ, и одново беше реми, 8-8.
Беше и 9-9, пред Василев по асистенцијата на Ѓорговски да погоди за 10-9, но домашните израмнија, а немаше време за последен напад на Еурофарм Пелистер и на пауза се замина со 10-10. Борзаш даде три гола, додека по два пати погодија Сери и Василев. Кај Загреб два гола има Сиротиќ.