Еурофарм Пелистер 2 продолжува со формирање на тимот за новата сезона, во која битолчани сакаат да направат млад, но респектабилен состав. По Кристијан Симоноски, Божидар Илиески и Александар Стојков, ново име што треба да пристигне во Битола е голманот Марко Трајков, дознава 24Ракомет.
Тој треба да биде уште едно засилување во ростерот на Бранислав Ангеловски. Со неговото доаѓање, вториот тим на Еурофарм Пелистер ќе добие играч со суперлигашко искуство, кој во минатото беше младински репрезентативец.
Во кариерата Трајков има настапувано за Голден Арт, а беше дел од екипата на Пролет во минатата сезона.
Битолчани во новата сезона ќе имаат нов тренерски концепт со Бранислав Ангеловски на клупата. Поранешниот македонски репрезентативец и екс тренер на првиот тим на Еурофарм Пелистер се враќа во Битола со задача да изгради тим што ќе има развојна функција, но и доволно квалитет за да биде конкурентен во домашното првенство.
Ангеловски веќе покажа дека знае да работи со млади состави. Со тимот од Автокоманда доминантно ја освои Првата лига и избори пласман во Супер лигата без пораз, а подоцна со Еурофарм Пелистер ја освои шампионската титула како тренер на првиот тим. Токму тоа искуство сега треба да биде искористено во вториот состав на битолчани.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























