Еурофарм Пелистер 2 и Прилеп отскокнаа во плеј-аутот, следува пеколна борба за опстанок

Со натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер 2 и Куманово беше комплетирано 2. коло во плеј-аут фазата во суперлигашката конкуренција. Според постигнатите резултати и квалитетот на екипите, повеќе од сигурно е дека ќе го гледаме најинтересниот плеј-аут.

На победа во второто коло се радуваа екипите на Еурофарм Пелистер 2, Прилеп и Вардар Неготино.  Како што е познато, тимот на Аеродром е исклучен од суперлигашката конкуренција и сите негови натпревари до крајот од сезоната ќе бидат регистрирани со службен резултат (10:0) за противничката екипа.

Еурофарм Пелистер 2 пред својата публика со подобрата игра во второто полувреме го совлада засилениот Куманово со 25:19 и покажа дека има квалитет да се бори за првата позиција на табелата. За избраниците на Михаил Петровски по службената победа над Аеродром во првото коло од разигрувањето за опстанок, ова беа втори бодови на свое конто.

Младите битолчани во следното коло ќе му гостуваат на Вардар Неготино, додека Куманово ќе бара рехабилитација против Скопје. Тимот на Петровски за првпат ќе ги одмери силите со Вардар Неготино. Куманово и Скопје двапати се сретнаа во првиот дел од сезоната, првиот дуел заврши без победник, 25:25, на вториот триумфираше Куманово со 29:21.

Прилеп на гостувањето во Скопје кај еден од директните ривали во борбата за опстанок, тимот на Голден Арт, полесно од очекуваното дојде до висок триумф од 36:29. За Прилеп победата на скопскиот тим беше втор триумф во плеј-аутот, во првото коло избраниците на Мојсов убедливо славеа против Скопје.

Во натпреварот со Голден Арт незадржлив беше црногорскиот интернационалец Денис Шабановиќ. Десното крило во секој напад беше на вистинското место, посебно одушеви со одлучноста да реализира од мртви агли, ефикасен беше и во контра нападите и покажа дека е вистинско засилување во тимот на Мојсов. Меѓу стативите Иван Ангелески со феноменалните одбрани покажа дека има голема перспектива.

Ракометарите на Прилеп во следното коло за ривал го имаат незгодниот тим на Мулти Есенс. Двете екипи се сретнаа во регуларниот дел од сезоната, на првиот дуел, кој беше одигран во Автокоманда, подобар беше дебитантот со 31:30, додека на реваншот во Прилеп домаќините триумфираа со 34:31.

Голден Арт е слободен овој викенд, потоа во 4. коло ќе биде домаќин на амбициозниот Куманово. Тимот на Филип Глигоров на овој дуел ќе треба да даде повеќе од потребното и да дојде до првата победа во вториот дел од сезоната, бидејќи на табелата има само три бода, кои беа пренесени од регуларниот дел.

Вардар Неготино откако во првото коло доживеа пораз на гостувањето во Куманово кај истоимената екипа, во второто коло славеше над Мулти Есенс со 27:25 и се избори за златни бодови во плеј-аут фазата.

Неготинци на искуството на српските интернационалци Лазар Адамовиќ и Петар Бугариновиќ, како и на одличниот Александар Мицев, кој во дуелот со дебитантот имаше 15 интервенции, даде до знаење дека ќе атакува на бодови против секоја екипа.

Неготинци во третото коло на свој терен ќе ги одмерат силите со Еурофарм Пелистер 2 и со евентуален триумф би се вклучиле во борба за првата позиција на табелата. Во Неготино секогаш било тешко да се игра, тоа го видовме во есенскиот дел кога Вардар Неготино пред своите навивачи го совлада Пролет, а беше блиску до бод против Бутел Скопје.

Резултати, плеј-аут, 2. коло:
Мулти Есенс – Вардар Неготино 25:27 (ИЗВЕШТАЈ)
Голден Арт – Прилеп 29:36 (ИЗВЕШТАЈ)
Еурофарм Пелистер 2 – Куманово 25:19 (ИЗВЕШТАЈ)
Скопје слоб.

ПозЕкипаНПРЛБ
1ПРИЛЕП861121
2ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2860221
3МРК КУМАНОВО861120
4ВАРДАР НЕГОТИНО850315
5МУЛТИЕСЕНС841314
6ГОЛДЕН АРТ821510
7СКОПЈЕ 202092076
8АЕРОДРОМ90092

Распоред, плеј-аут, 3. коло:
Прилеп – Мулти Есенс
Куманово – Скопје
Вардар Неготино – Еурофарм Пелистер 2
Голден Арт слоб.