Златни бодови за неготинци – сладок триумф среде Автокоманда!

Ракометарите на Вардар Неготино на гостувањето во Автокоманда кај дебитантот Мулти Есенс се радуваа на победа од 27:25 во рамки од 2. коло од суперлигашкиот плеј-оф/аут.

Најзаслужен за првиот триумф на Вардар Неготино во плеј-аут фазата беше голманот Александар Мицев со 15 интервенции.

Иако домаќините добро стартуваа, имаа 3:0 во воведниот дел, сепак, гостинскиот тим со три гола во низа израмни на 3:3 и од тој момент секој напад беше важен, бидејќи според квалитетот на двете екипи, очекувано беше да има голема неизвесност до самиот крај.

Од 15 минута, па до крајот на полувремето двете екипи имаа свои моменти и наизменично се менуваа во предност. На моменти домашниот тим водеше со два гола разлика и кога требаше да зголеми на повисока предност секогаш им дозволуваше на гостите да се вратат во игра.

По предноста на домаќините од 13:11, избраниците на Игор Котевски, најпрво израмнија на 13:13, потоа со уште два гола, кои беа дело на Адамовиќ и Митевски, зголемија на 15:13 и со два позитива заминаа на полувреме.

Гостите од Неготино по пет минути игра во второто полувреме успеаја да дојдат до дотогаш највисоките плус три, 19:16. Најзаслужен за предноста на Вардар Неготино беше голманот Александар Мицев, кој до 40 минута имаше 12 интервенции.

Ракометарите на Котевски во 42 минута зголемија на 21:17 и овие четири гола не беа доволни за сигурна победа, бидејќи дебитантот на погон на крилата, Костовски и Иваноски, израмни на 21:21 во 50 минута.

Вардар Неготино во финишот влезе со позитива од 23:21 и залихата од два гола беше доволна за гостинскиот тим да се израдува на првата победа во борбата за опстанок.

Најефикасен во победничката екипа беше Петар Бугариновиќ со осум погодоци, шест додаде Лазар Адамовиќ, пет реализации имаше Мирослав Митевски.

Во поразениот табор се истакнаа Михајло Костовски, Дарин Омерагиќ и Михаил Иваноски, тројцата играчи постигнаа по пет погодоци.

ПозЕкипаНПРЛБ
1МРК КУМАНОВО12101132
2ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 21290330
3ПРИЛЕП1181227
4ВАРДАР НЕГОТИНО1280424
5МУЛТИЕСЕНС1261520
6ГОЛДЕН АРТ1131713
7СКОПЈЕ 20201220106
8АЕРОДРОМ1400142