Селекторот на машката сениорска репрезентација на Црна Гора, Владо Шола, го објави списокот на ракометари за натпреварите со Грузија во рамките на ЕХФ неделата.
На списокот кај Шола се наоѓаат играчите кои настапија на Европското првенство во јануари, како и неколку играчи кои беа дел од поширокиот список, но отпаднаа од комбинација за настап на континенталниот собир.
Екс ракометарот на Охрид, Филип Кривокапиќ, кој игра одлично во дресот на Ловќен и кој беше избран за најдобар ракометар во Црна Гора за 2023 година, треба да дебитира во дуелите против Грузија.
Неговиот клупски колега, 19-годишниот Милорад Бакиќ, исто така во ЕХФ неделата би требало да го има деби настапот во сениорскиот дресот на неговата татковина.
За Црна Гора пријателските дуели со Грузија ќе бидат загревање за бараж двомечот во мај. Црногорците за пласман на Светското првенство 2025 ќе играат со Белгија или Италија.