Европската ракометна федерација (ЕХФ) донесе одлука за реваншот од четвртфиналето од Европскиот куп меѓу Партизан и АЕК.
Како што е познато, реванш средбата во Белград не се одигра, откако навивачите на домашниот тим со топовски удари на теренот ги принудија гостите да се повлечат во соблекувалната.
Од ЕХФ заклучија дека најдобро решение е двете екипи да играат на неутрален терен. Поради географската блискост, една од можните опции е натпреварот да се одигра во Македонија.
„ЕХФ одлучи натпреварот да се одигра на неутрален терен, надвор од Србија и Грција, поради безбедносни проблеми кои го спречија неговото одржување на 30 март. Точната локација и датумот ќе бидат објавени дополнително. ЕХФ исто така разгледува можност натпреварот да се одигра без публика, како дополнителна мерка за безбедност. И покрај одлуката за презакажување, ќе бидат покренати и правни постапки за утврдување на одговорноста за неможноста четвртфиналето да се одигра според првичниот план“, стои во дел од соопштението на ЕХФ.
Ракометарите на АЕК Атина триумфираа на првото соочување со 27:22.
🎥 Хаос во Белград: Полна сала го дочека АЕК, летаа топовски удари, стартот доцни…