ЕХФ донесе одлука – одложени три дуели на израелски клубови во Европскиот Куп!

Европската ракометна федерација (ЕХФ) донесе одлука за одложување на три двомеч натпревари на израелските клубови во рамки од второто коло во Европскиот Куп.

Ракометната куќа во Европа дојде до оваа одлука како резултат на случувањата во Израел, каде што е прогласена воена состојба.

Претставници на Израел во Европскиот Куп во машка конкуренција се Макаби Ришон Ле Зион, клуб во кој настапува голманот од Македонија, Градимир Чанески, потоа Холон и Хапоел Ашдод.

Макаби Ришон Ле Зион за ривал во второто коло го има босанскиот суперлигаш Слобода Тузла. Двата дуели требаше да се одиграат на 20 и 21 октомври во Тузла.

И Холон требаше двата дуели против БК-46 од Финска да ги одигра на гостински терен, датумите беа 21 и 22 октомври.

Хапоел Ашдод во второто коло ќе игра против Стеуа Букурешт, двата тимови требаше да се сретнат на 21 и 22 октомври во романската престолнина.

Новите термини за играње на сите три споменати двомеч натпревари треба да бидат објавени во следниот период.

Во третото коло од Европскиот Куп во женска конкуренција има еден претставник од Израел, тоа е Макаби Рамат Ган, кој двомечот со Анкара ќе го одигра на 11 и 12 ноември во Турција.

Како што е познато, на 8 октомври, во Израел беа прекинати сите спортски активности на неодредено време, откако Хамас нападна неколку израелски градови.

Ракометот во Израел на пауза на неодредено!