Репрезентацијата на Египет го освои првото место на Африканското првенство, откако во финалето полесно од очекуваното славеше над Алжир со 29:21 и стигна до деветтата шампионска титула во Африка.
Победникот на финалниот дуел беше решен уште во првото полувреме, кое „фараоните“ го добија со седум гола разлика, 17:10 и во вториот дел немаше поголема резултатска промена.
Во финалето настапија еден сегашен и еден екс голман на актуелниот шампион на Македонија, Еурофарм Пелистер. Во второпласираниот Алжир бранеше Калифа Гедбан, додека во победничката репрезентација Карим Хендави.
Тунис со победата над Зеленортските Острови од 35:28 (20:13) го освои бронзениот медал на Африканското првенство.
Египет, Алжир, Тунис, Зеленортските Острови и репрезентацијата на Гвинеја, која го освои петтото место, обезбедија директен пласман на Светското првенство следната година.
Шампионот Египет си обезбеди и билет за Олимписките игри во Париз, додека репрезентациите на Алжир и Тунис ќе играат квалификации за пласман на најголемата спортска манифестација.