Драган Аџиќ е нов тренер на Рапид Букурешт и Сара Ристовска

Црногорскиот стратег Драган Аџиќ е нов предводник на романскиот Рапид Букурешт, каде што игра македонската репрезентативка Сара Ристовска.

Искусниот црногорски стручњак во март се раздели со унгарскиот клуб Мошонмаѓаровар, а во моментов ја извршува функцијата селектор на словенечката женска селекција.

Аџиќ важи за едно од најголемите тренерски имиња во европскиот женски ракомет. Најголемите успеси ги оствари со Будуќност, со кој двапати ја освои Лигата на шампионите, во 2012 и 2015 година.

Истата 2012 година беше историска и за Црна Гора, бидејќи под негово водство репрезентацијата стана европски шампион, а на Олимписките игри во Лондон го освои сребрениот медал.

Во својата кариера Аџиќ работеше и во словенечкиот гигант Крим, а неговото доаѓање во Рапид ќе значи нов голем предизвик во една од најсилните лиги во Европа.

Рапид минатата сезона не ги исполни очекувањата во домашното првенство и европските натпреварувања, па клубот беше во потрага по тренер кој ќе го врати тимот во борба за највисоките дострели.