Тимот на Бутел Скопје и изминатата сезона успеа да се пласира во разигрувањето за титулата и ја продолжи традицијата што важи уште откако бутелци се членови на елитното друштво во Македонија – секоја сезона да се игра во плеј-офот.
Оваа сезона тоа беше остварено со млади македонски сили, а покрај стручниот штаб и сите тренери кои работеа со ракометарите, големи заслуги за успехот има и претседателот на клубот, Бојан Спасовски, кој не сака премногу да се експонира во јавноста, но си ја работи својата работа посветено и со љубов.
Спасовски смета дека целите што беа поставени пред стартот на оваа сезона, се остварени.
„Сметам дека во најголем дел ги остваривме целите што ги поставивме пред почетокот на сезоната, завршивме на петтото место, веднаш зад големата четворка, обезбедивме пласман во Европа, а кај младинците завршивме на второто, вицешампионско место, од минатата сеозна за разлика од сегашната направивме чекор нагоре. Клубот направи значаен исчекор на организациски и натпреварувачки план, а особено радува фактот што создадовме стабилна основа за понатамошен развој. Секако, секогаш има простор за напредок, но можеме да бидеме задоволни од сработеното“, вели Спасовски.
За наредната сезона, целите остануваат најмалку повторување на успехот од штотуку завршената.
„Амбициите на клубот остануваат место за плеј оф, и во младинските категории како и секоја година да котираме високо. Сакаме дополнително да го подигнеме нивото на игра, да бидеме конкурентни во сите натпреварувања во кои ќе настапуваме и да продолжиме со развојот на младите играчи. Нашата цел е клубот континуирано да расте и да биде препознатлив по стабилност и резултати“.

На местото на Горан Кузманоски, кој заминува по три сезони од Бутел Скопје, доаѓа легендарниот Стојанче Стоилов.
„Пред сè, сакам да му се заблагодарам на Горан Кузманоски за сè што направи за клубот во изминативе три години. Имавме одлична соработка и сме исклучително задоволни од неговиот професионален однос и придонес. Се разделуваме пријателски и со меѓусебна почит, а му посакуваме многу успех во новиот предизвик во странство. Во меѓувреме, успеавме брзо да постигнеме договор со нашиот нов тренер. Станува збор за вистинска легенда на македонскиот ракомет Стојанче Стоилов, личност со огромно искуство и авторитет. Уште на првите разговори се покажа дека имаме исти размислувања и визија за иднината на клубот, па затоа договорот беше постигнат многу лесно. Веруваме дека неговото доаѓање ќе донесе нова енергија и дополнителен квалитет, и нови резултати. Во овој период во тек е формирањето на ростерот за следната сезона. Одредени играчи ќе го напуштат клубот, но за сите детали ке ги соопштиме за краток период. Истовремено работиме и на ангажирање на нови засилувања, а дел од нив веќе се договорени. Наскоро ќе ги објавиме официјално“, продолжи Спасовски.
Бутел Скопје планира да се пријави за настап во ЕХФ Европскиот Куп, но тоа дополнително треба да се потврди.
„Клубот има амбиција да настапува и на европска сцена и тоа е еден од нашите приоритети. Сепак, конечната одлука ќе зависи од повеќе фактори, пред сè организациски и финансиски. Доколку се создадат сите потребни услови, со задоволство би го претставувале клубот и македонскиот ракомет во Европа“, заврши Спасовски.























