Eкс „кометалка“ објави автобиографија, ќе се снима и документарец

Една од големиот број на интернационалки кои настапуваа во златното време за Кометал Ѓорче Петров беше и ракометарката од Романија, Нарциса Лекушану, која и понатаму е активна во ракометот, но во сосема друга улога.

Пред извесен период, Лекушану, ја објави својата автобиографска книга „Приказната за мојот живот“, а во иднина се разгледува и можноста да се направи документарен филм базиран на книгата.

По објавувањето на книгата доби позитивни критики и голем број на покани од компании да говори како гостин за постигнатиот успех како ракометарка, но и како една од ретките дами кои се дел од ИХФ.

Поранешната репрезентативка на Романија моментално е член на извршниот комитет на Меѓународната ракометна федерација, а е присутна како делегат и на сите големи натпреварувања под капата на ИХФ.

Таа остави голем белег во историјата на Кометал Ѓорче Петров, а уште со задоволство се сеќава на сето она што се случуваше додека беше дел од тимот кој доминираше со години во македонскиот ракомет.