Две познати руски ракометарки и екс членки на Вардар, Полина Кузнецова и Олга Фомина, успешно ги завршија студиите на Рускиот меѓународен олимписки универзитет и добија дипломи на свечена церемонија организирана во Сочи.
Меѓу 78 дипломци од 15 земји и 21 регион на Русија, двете ракометни ѕвезди се стекнаа со квалификации од областа на спортскиот менаџмент и спортската администрација.
Кузнецова е олимписка шампионка од Игрите во Рио де Жанеиро 2016 година, додека Фомина освои сребрен медал со руската репрезентација на Олимписките игри во Токио 2020. Фомина откри дека завршувањето на студиите било дополнителен предизвик бидејќи неодамна по вторпат станала мајка.
„Последниот дел од студиите не беше лесен, но дипломската работа ја одбранив со одличен успех. Во текот на годината добивме огромно количество знаење за организација на спортски настани, маркетинг, право и спортски менаџмент. Особено ми значеше можноста да се запознаам со врвни спортски професионалци од различни спортови“, изјави Фомина за „Брз Центар“.
Таа додаде дека засега е посветена на мајчинството, но во следните неколку години планира да се насочи кон професионална кариера во спортскиот менаџмент.
Со ова, двете поранешни руски репрезентативки направија важен чекор кон ново поглавје по завршувањето на спортската кариера, подготвувајќи се за идни улоги во спортската администрација и раководење.
37-Годишната Фомина настапуваше две сезони за Вардар, кога го носеше презимето Черноиваненко, и има два настапи на Ф4 со две бронзи, додека 38-годишната Кузнецова мина една година во Скопје и беше дел од последната генерација на „црвено-црните“ што играше во Будимпешта и освои сребро во Лигата на шампионите.























