Дури 17 исклучувања во Ѓорче Петров, Македонија го победи Овче Поле

Македонија Ѓорче Петров славеше против составот на Овче Поле со 34-27 во натпревар од 9 рунда во прволигашката конкуренција и остана во трка за плеј-офот за Супер лига.

Отпорот на гостите беше скршен на стартот на вториот дел од натпреварот во кој имаше дури 17 исклучувања, односно еден црвен картон во редовите на Македонија ЃП.

Гостите од Свети Николе одлично парираа во првото полувреме, во повеќе наврати имаа и водство, имаа и плус три, сепак попуштија во финишот. Домашните иако останаа без Марко Станојоски, кој поради три исклучувања доби црвен картон, сепак во финишот на полувремето направија пресврт и поведоа со 16-14.

На стартот на вториот дел избраниците на Дејан Коцев реализираа уште три пати по ред за 19-14 и не дозволија до крајот на мечот нивната предност да биде загрозена од страна на Овче Поле.

Гостите се бореа, намалија на два пати на минус три, но немаа сили да направат последен чекор кон комплетен камбек во натпреварот. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Живко Петровски со девет и Максимилијан Ѓиноски со осум гола, додека кај Овче Поле, седум гола имаше Дино Динев.