Драмата во Автокоманда со среќен крај за домаќините

Екипата на Металург РА, која во елиминациското коло од Купот на Македонија против Скопје немаше многу среќа во финишот, денес во рамки од 13. коло од прволигашката конкуренција пред својата публика славеше против Овче Поле со 25:24.

Целиот натпревар мина во голема борба и само нијанси одлучуваа каков ќе биде денешниот исход. Металург РА беше поконкурентен во првиот дел, на пауза имаше 11:8, водеше и со 16:12 во 40 минута, но Овче Поле не се откажуваше и во 55 минута го израмни резултатот на 23:23.

Голот за победа на домаќините го постигна Филип Петровски од пенал на речиси две минути пред крајот. Гостите имаа шанса да израмнат на 25:25, но голманот на Металург РА, Илчо Ивчески, фати два седмерци во последните две минути и не дозволи гостинот од Свети Николе да освои бод.

Ивчески најнапред го одбрани седмерецот на Гичев, потоа во последна секунда го надмудри и Буровски, кој исто така од седмерец имаше шанса да му донесе бод на својот тим.

Најефикасен во таборот на домаќините беше Филип Петровски со 11 погодоци. Во составот на гостите прво име беше Бојан Гичев со осум погодици, три помалку имаше Кирил Буровски.

Металург РА во последното коло од регуларниот дел од Првата лига за ривал го има амбициозниот Радовиш, додека Овче Поле ќе се соочи со Кичево.