Драма во Битола: Храбрите пелистерци загубија во последните секунди од ПИК Сегед

Ракометарите на Еурофарм Пелистер не успеаја да дојдат до првиот бод во Лигата на шампионите, откако во натпревар од 8. коло загубија од ПИК Сегед со 28:27. Македонскиот шампион во последните минути беше во игра за најмалку бод, но гостите имаа повеќе среќа.

Натпреварот беше отворен со голот на новото засилување на Еурофарм Пелистер, Филип Кузмановски. По предноста на домаќините од 2:1, следуваа четири гола во низа на гостите кои во воведните десет минути дојдоа до највисоките дотогаш плус три, 5:2.

За тој период, голманот на ПИК Сегед, Роланд Миклер имаше три одбранети удари и еден седмерец и беше меѓу најзаслужните за предноста на неговиот тим. Избраниците на Бранко Ангеловски по малата криза кон средината на првиот дел со погодоците на Кузмановски и Радивојевиќ ја преполовија негативата, намалија на минус еден, 5:4, но гостите возвратија со иста мера победувајќи со 7:5 во 12 минута.

Пелистерци се обидуваа да направат камбек, но слабата игра во одбраната, која дозволуваше голем продор на гостинските ракометари, беше причина да имаат негатива од 9:6 во 15 минута. Сепак, ниту гостите не играа на ниво, па така македонскиот шампион успеа да намали на 9:8.

Домаќините секогаш кога требаше да израмнат, избрзуваа во нападот и грешките на битолскиот тим лесно беа казнувани од страна на унгарскиот тим. ПИК Сегед на осум минути пред крајот на првиот дел дојде до максималните плус четири, 13:9. Кризата во Еурофарм Пелистер беше прекината со два гола во низа за намалување на пристојна негатива од минус два, 13:11. Гостинот до крајот на полувремето ја одржа стекнатата предност и на пауза замина со 15:12.

ПИК Сегед одлично го стартуваше почетокот на првиот дел, но домашниот тим постојано се закануваше. По предноста на ПИК Сегед од 19:15, дојде до консолидирање во редовите на домаќините, кои во 40 минута резултатски се доближија намалувајќи на 19:18. Неколку судиски одлуки одеа во корист на ПИК Сегед, но избраниците на Ангеловски не се предаваа и во 42 минута конечно израмнија на 19:19.

Минута подоцна црвен картон поради три исклучувања заработи кружниот напаѓач Денис Василев. Голема борба претстоеше во последните петнаесетина минути, при нерешен резултат од 20:20, домаќините на двапати не реализираа за водство, па така ПИК Сегед го казни невниманието на пелистерци и поведе со 22:20.

Македонскиот шампион со погодоците на Пешевски и Кузмановски на осум минути пред финишот израмни на 22:22. Повторно кога Еурофарм Пелистер се врати во игра, ривалот од Унгарија за една минута дојде до 24:22. Иако ПИК Сегед водеше со 26:24, домаќините израмнија на 26:26 и камбекот на пелистерци допринесе во финишот од средбата да се влезе со голема неизвесност, така што беше јасно дека може да одлучи еден шут. Гостите погодија, Петровиќ врати за 27:27, но Золтан во последните секунди погоди за 28:27.

Најефикасен во победничката екипа беше Марио Шоштариќ со седум погодоци, кај Еурофарм Пелистер се истакнаа Каспер Кисум со шест и Филип Кузмановски со пет реализации.

 

Еурофарм Пелистер – ПИК сегед