Драчево потклекна пред Бисинов во двобојот со два црвени картони

Тимот на Бисинов од Велес стигна до четвртата победа во четвртиот натпревар од прволигашкиот плеј-оф, откако славеше кај Драчево со 36-30.

Гостите кои во првото полувреме ја обезбедија победата, откако направија залиха од осум гола, 20-12, останаа без кружниот напаѓач Александар Стојменов.

Тој доби директен црвен картон во 21 минута по остар старт над противнички ракометар, но тоа не беше голем проблем за гостите.

Во вториот дел Драчево намали на минус пет, 21-16, но остана без голманот Борче Ангеловски, кој исто така доби црвен картон при еден обид да спречи гостински контранапад.

Тоа го поремети домашниот ритам, ги разгоре страстите кај публиката, имаше мала мешаница на теренот и краток прекин, по кој беа исклучени Петковски и Сиљанов.

Бисинов во продолжение успеа рутински да го доработи натпреварот. Најдобар стрелец во победничкиот тим беше Илиев со девет гола, а Дука даде пет гола за Драчево.

Сега Бисинов има 15 бодови на лидерската позиција, додека Драчево падна на четврото место со осум бодови.