„Девојките ме прават горд, иако дел од нив се избришани од некои ракометни структури“

Ракометарките на Ѓорче Петров повторно го воскреснаа женскиот ракомет во Македонија, со пласманот во Топ-8 во европскиот Куп и по шест години повторно ни донесоа можност да гледаме европски ракомет и во пролетните денови од годината.

Големиот успех на Ѓорче Петров во европски рамки секако дека е голем плус за македонскиот женски ракомет. Македонија по пауза од пет сезони (6 години) повторно има четвртфиналист во Европа, последен пат тоа беше поранешниот шампион на Македонија, Вардар, кој пет сезони по ред играше на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите. Вардар последен пат беше четвртфиналист во сезона 2017/18 кога „црвено-црните“ играа во Будимпешта.

На дуелот со Кинжварт во Чепка, нашите девојки загубија со 33-34, иако на полувреме водеа со 20-16. Но, на првиот меч во Скопје, „лавиците“ триумфираа со 32-29 и така со подобра гол разлика се пласираа понатаму.

„Направивме чекор напред, голема важност и за нас како клуб и за македонскиот женски ракомет. Пресреќен сум што сум во одбрано друштво, девојките ме прават горд и среќен со својата борбеност и пожртвуваност, и ми даваат крила да давам и јас уште повеќе од себе. Проработи инаетот кај нас на ова гостување, докажавме дека има играчи кои само со желба доаѓаат до целта. Среќата и успехот ги следат храбрите. Дел од овие девојки се избришани од некои ракометни структури, но тие докажуваат дека вредат, дека знаат да ги почитуваат правилата, изјави Симе Симовски, тренерот на ѓорчептровки.

Лани Ѓорче Петров стигна само до осминафиналето, а сега е веќе во Топ-8. Сега се отвараат вратите кон уште поголеми успеси, но истовремено и за подобрување на рејтингот на македонските екипи во Европа.

„Кога ја стартувавме сезоната, цел ни беше чекор подалеку да стигнеме од лани. Верувавме во себе и во екипата, бевме мотовирани. Иако реваншот го одигравме на гостински терен се чувствувавме добро и знаевме што треба да направиме за да стигнеме до четвртфиналето. Со малку среќа зошто да не се најдеме и во топ-4, па во иднина здравје и во Европската лига, па зошто да не и во ЛШ, вели Ангела Цветановска, член на управата на Ѓорче Петров.

Ждрепката за четвртфиналето, како и за полуфиналето, ќе се одржи утре со почеток во 11:00 часот. Натпреварите ќе се играат на 9/10, односно 16/17 март.

 

Кои се можните ривали на Ѓорче Петров – три шпански екипи, клубот на легендарната Озел, Бенфика….