Белорускиот шампион Мешков Брест продолжува со засилувањата за новата сезона, а најново име во тимот е хрватскиот пикер Џанфранко Прибетиќ.
25-годишниот кружен напаѓач доаѓа од Охрид, каде што вториот дел од сезоната 2025/26 го круниса со освојување на ЕХФ Европскиот куп. Во големото финале, охриѓани ја совладаа унгарската Татабања и стигнаа до историскиот европски трофеј.
Прибетиќ ја започна кариерата во Пореч, а од 2019 до 2024 година настапуваше за Нексе Нашице. Потоа се пресели во германскиот Штутгарт, пред во текот на минатата сезона да пристигне во Охрид.
По потпишувањето на договорот со Мешков Брест, Прибетиќ порача дека со нетрпение го очекува новиот предизвик.
„Ракометот ми донесе многу пријателства, нови искуства и можност да запознаам различни земји и култури. Тоа е најубавото што го носи спортот. Ќе дадам сѐ од себе за тимот и навивачите и едвај чекам да ги одиграм првите натпревари во дресот на Мешков Брест“, изјави Прибетиќ.

























