Куманово стартуваше со подготовките – шест нови засилувања за новата сезона

Тимот на Куманово ги започна подготовките за сезоната 2026/27. На првиот собир во Спортската сала во Куманово, тренерот Саша Радосављевиќ го означи стартот на новиот подготвителен циклус, во кој клубот влегува со амбиции за уште подобри резултати од минатата сезона.

Во текот на летниот преоден рок, раководството на клубот значително го засили играчкиот кадар. Нови членови на Куманово се Филип Мечкароски, кој пристигна од Струга, Марко Трајковски од Пролет, Матеј Новаковски од Бутел Скопје, Бојан Гичев од Еурофарм Пелистер 2, египетскиот интернационалец Хамза Мамду Ибрахим (дополнително ќе се приклучи) и Наум Костов, кој исто така доаѓа од Струга.

Нови договори добија младите Христијан Вујичевски, Тино Стојановски и Григор Трајковски, кои веќе имаат важна улога во првиот тим.

Во наредниот период кумановци ќе работат на подобрување на физичката подготвеност и тактичкото воигрување на екипата, а планирани се и неколку контролни натпревари преку кои стручниот штаб ќе ја темпира формата пред стартот на новата сезона.

Во клубот владее позитивна атмосфера и оптимизам дека со новите засилувања и квалитетната работа, Куманово ќе биде сериозен конкурент во претстојниот шампионат и ќе успее да ги исполни зацртаните цели.

Од Куманово заминаа кубанскиот голман Мартинез, Иванов, Димевски, Ончев, Крстаноски, Стојков и Цековски.