Македонскиот првак Вардар денеска ги започна подготовките за сезоната 2026/27, во која по четиригодишна пауза повторно ќе настапува во Лигата на шампионите.
На првата прозивка, шефот на стручниот штаб Иван Чупиќ ги имаше на располагање сите ракометари кои останаа во тимот од минатата сезона, како и новите засилувања што ќе треба да донесат дополнителен квалитет во составот.
Нови лица во „црвено-црниот“ табор се египетскиот десен бек Мохаб Абделхак, хрватскиот лев бек Леон Љевар, српскиот голман Милан Бомаштар и францускиот плејмејкер Матео Фадуил. Во Вардар наредната сезона ќе играат и младите македонски ракометари Бобан Поповски, Марко Ѓорчески и Никола Нечовски.
По освоената шампионска титула, Вардар доби вајлд-карта за настап во Лигата на шампионите и повторно ќе биде дел од елитното европско клупско натпреварување, каде ќе се сретне со Висла Плоцк, Нант и Мелсунген.
Вардарци ќе се подготвуваат во Скопје и Маврово, потоа ќе настапат на турнирите во Струга и Охрид, па следуваат два меча од Регионалната лига, пред Супер Куп дуелот со Охрид на 2 септември.

























