Ол-стар средниот бек за минатата сезона во изборот на 24Ракомет, Јака Малус, и во претстојната сезона ќе биде предводникот на шампионот Вардар.
Иван Чупиќ ја имаше првата прозивка, покрај новите играчи, присутен беше и Малус, кој цели многу високо, особено во Европа.
„Имаме и Лига на Шампиони, и регионална Лига, мислам дека имаме подобра екипа во лани, мислам дека сме спремни за тоа што не чека. Целта е иста како и минатата сезона, сите трофеи во Македонија да ги земеме, и во Лига на Шампиони да се пласираме што подобро. Целта на клубот е да влезе во ТОП 10, а мојата индивидуална цел е највисока – да се пласираме на Ф4. Мислам дека екипата е добра, почуваме сега со тренинги, има доста нови играчи“, изјави Малус.
Словенецот смета дека екипата е поискусна од минатата сезона.
„Екипата е поискусна од лани, сигурно. Сите нови играчи од лани, знаеме што не очекува во македонско првенство, во Европа, што значи да играш во Вардар, што значи да играш во Скопје, каква е привилегијата да се носи овој дрес. Мислам дека екипа е поискусна од лани, а индивидуално ќе видиме. Мислам дека тимски сме посилни“, продолжи Малус.
Во Вардар ова лето дојдоа Бомаштар, Абделхак, Љевар, Фадуил, но и Поповски, Ѓорчески и Нечовски.
„Сметам дека најголемиот предизвик ќе биде новите играчи да се вклопат што побрзо, а ние староседелците ќе им помогнеме во тоа и да им биде убаво. Македонското првенство секоја сезона е се поквалитетно, сите екипи се засилуваат. Мислам дека на секој чекор ќе биде тешко и опасно, секогаш е полесно кога бркаш нешто, а сега треба да го браниш, тебе те бркаат“, продолжи Малус.
Организаторот на играта вели дека сите од водечката четворка се квалитетни и во трка за титула.
„Дерби си е дерби, меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер. Никогаш не се знае кој ќе победи, кој ќе ја освои титулата. Мислам дека четири екипи се многу силни и не знам кој може да биде најголем противник за Вардар, ова е многу долга трка, сите почнуваат од нула во маратонот“, заврши Малус.
Вардарци ќе тренираат во Скопје и во Маврово, пред да заминат во Струга и Охрид на турнирите, а потоа следуваат две средби од Регионалната лига пред Супер Куп дуелот против Охрид.
























