Вардар од денеска ги започна подготовките за новата сезона во која ќе ги брани сите домашни трофеи, а по четири години се враќа и во Лигата на шампионите.
Тренерот Иван Чупиќ вели дека маратонот за Вардар почнува уште денеска, и посакува неговиот тим да продолжи каде што застана лани – 22 победи на 22 домашни натпревари во сите конкуренции.
„Од денеска почнува нов маратон. Имаме нови играчи, како и секоја сезона, мораме да бидеме подобри во се. Помина ланската сезона, се одморивме, сега сите дојдоа спремни, со добра физичка подготвеност. Ќе ја браниме титулата, трофејот во Купот, по четири сезони се враќаме во ЛШ. Потешко е секогаш нешто да се брани во спортот, отколку да се освои. Лигата на Шампионите е 30% подобра од Лигата на Европа. Тоа значи дека мораме да бидеме подобри во сите сегменти. Мораме да бидеме една целина, хомоген тим, да имаме енергија со нашите навивачи. Mинатата сезона имавме 22 домашни меча и 22 победи, тоа мора да ни биде некоја насока“, вели Чупиќ.
Почетокот на септември носи тешки натпревари за Вардар, кој ова лето донесе шестмина нови ракометари.
„Вардар од 3 септември кога е Супер Купот мора да е добар, на 5/6 почнува Супер лига, а на 9/10 стартува ЛШ. Мора да сме добри на почетокот на септември. Со новите играчи правиме план за наредните две сезони, баравме млади играчи со голем потенцијал, кои ни беа достапни, а за кои сметаме дека ќе придонесат во тимот. Имаме три нови бека – Љевар, Фадуил и Абделхак. Имаме и нов голман, двајца млади играчи, Марко и Бобан, кои сигурно ќе добиваат шанса во домашно првенство и во Регионална лига, тие ни се влогот за иднината. За мој вкус три бека не се многу, ама не се ни малку. Вардар мора да игра „вардарски“, сигурно ќе пробуваме нови замисли и во одбрана и нападот, минатата сезона бевме добри во сите сегменти, тоа ни донесе титула, но тоа не е лимит, па мора да ја надоградиме базата од минатата сезона и оваа екипа е спремна за чекор напред“, продолжи Чупиќ.
Хрватот вели дека Вардар може да ја мине групната фаза во ЛШ каде за ривали ги има Мелсунген, Нант и Висла Плоцк.
„Да ја поминеме групата во ЛШ, тоа е мое чувство, верувам дека јас и мојот тим ќе работиме на тоа да се пласираме во главната рунда. Овој тим може да изигра добри дуели и со Нант, и со Висла и со Мелсунген, но мора да сме скромни, да работиме секој ден, да сме позитивни секој ден со една добра енергија, а „Јане Сандански“ да остане неосвоива тврдина и наредната сезона“, вели тренерот на Вардар.
Сите ривали на Вардар од домашното првенство се засилуваат.
„Вардар се засилува, но се засилуваат и другите. Сите ни се конкуренти. Алкалоид е одлична екипа, одличен тренер, Еурофарм Пелистер ја промени малку екипата во однос на лани, а Лино исто така е одличен тренер. Охрид направи некоја измена, но тоа е нормално кај нашите екипи, сепак покажува сигурност и оваа сезона има големи амбиции. Маратонот за нас почнува од денеска и сите можат да се шампиони на Македонија, но сега сум сигурен дека сите сакаат да го симнат Вардар од тронот што е нормално и за тоа мораме да бидеме подобри во сите сегменти, ако сакаме да ја задржиме дуплата круна“, заврши Чупиќ.
Вардарци ќе тренираат во Скопје и во Маврово, пред да заминат во Струга и Охрид на турнирите, а потоа следуваат две средби од Регионалната лига пред Супер Куп дуелот против Охрид.
Вардарци во погон – Чупиќ прозиваше, шампионот тргна во новата сезона
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________
























