Денеска во центарот на вниманието ќе биде првата пресметка од финалето на ЕХФ Европскиот Куп меѓу Охрид и унгарската Татабања. Македонскиот тим испиша уште една страница во клупската историја и за првпат ќе игра во европско финале.
Двата тима имаа драматичен пат до големото финале. Татабања во полуфиналето ја надомести негативата од два гола и со победа од 37-34 го елиминираше Извиѓач, додека Охрид по вистинска драма и пенал-рулет го исфрли словенечки Целје.
За македонскиот клуб ова е уште едно големо достигнување за домашниот ракомет. Втора сезона по ред тим од Македонија игра финале во ова натпреварување, откако минатата сезона тимот од Автокоманда стигна до трофејот. Воедно, ова е третпат македонски клуб да игра европско финале во ова натпреварување, откако Еурофарм Пелистер играше против Скјерн (тогаш ова натпреварување имаше назив Челинџ Куп) во сезоната 2001/02.
Статистиката најавува вистински судир на стилови. Охрид ја има најдобрата одбрана во натпреварувањето со само 21,8 примени голови по натпревар, додека Татабања во просек прима 31,4. Во нападот двете екипи се речиси израмнети – Унгарците постигнуваат 33,7, а охриѓани 33,2 гола по меч.
Лидер на Татабања е левиот бек Бенедек Елеш со 38 погодоци, додека најдобар стрелец кај Охрид е Анте Иванковиќ со 42 гола. Интересно, Татабања е и првиот унгарски клуб кој стигнал до финале во ова натпреварување и неговите претходни верзии, што дополнително му дава историска тежина на двомечот.
На домашна сцена се играат натпревари од Првата женска лига и од Супер женска лига, како и од Супер машката лига.
Битола и салата „Боро Чурлевски“ ќе бидат домаќини на завршницата на машката кадетска лига.
ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ:
11:30 АТЛЕТИК – ЈЕХОНА (ПРВА ЖЕНСКА ЛИГА)
12:00 ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – МУЛТИ ЕСЕНС (КАДЕТИ Ф4)
12:30 СТРУЖАНКА – ДЕСПИНА (ПРВА ЖЕНСКА ЛИГА)
14:00 ОХРИД – ПРОЛЕТ (КАДЕТИ Ф4)
16:00 КУМАНОВО – ЧАИР (СУПЕР ЖЕНСКА ЛИГА)
17:00 СПАРТАК – ПЕЛИСТЕР (СУПЕР ЖЕНСКА ЛИГА)
17:00 ТАТАБАЊА – ОХРИД (ЕХФ ЕВРОПСКИ КУП)
18:30 КУМАНОВО – РАДОВИШ (СУПЕР МАШКА ЛИГА)
18:30 ЗА ТРЕТО МЕСТО (КАДЕТИ Ф4)
20:30 ФИНАЛЕ (КАДЕТИ Ф4)

























