Тимот на Еурофарм Пелистер го очекува романскиот Динамо Букурешт во можеби клучниот натпревар од Лигата на шампионите.
Тренерот на Динамо Букурешт, Давид Дејвис, го потенцира значењето на овој двобој за двете екипи, бидејќи и неговиот тим се уште го нема потврдено своето место во осминафиналето.
„Со само три натпревари до крајот на групната фаза, освојувањето на уште два бода ќе го гарантира нашето место во следната рунда, што ја прави оваа средба клучна шанса да се доближиме до нашата цел. Еурофарм Пелистер е наш директен ривал ако се гледа ситуацијата на табелата. Свесни сме за важноста на овој натпревар и подготвени сме да се бориме за бодовите. Освен важноста на резултатот, за нас од суштинско значење ќе биде подобрувањето на нашите перформанси“, изјави Дејвис.
Битолчани мора да забележат победа ако сакаат да останат во игра за осминафиналето. Динамо е петти на табелата со десет бода, Висла е шеста со шест, исто колку што има и македонскиот првак на седмото место.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Динамо Букурешт се игра в четврток во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:45 часот.