Де Варгас „спушти ролетна“, Шпанија ја нокаутира Словенија

Селекцијата на Шпанија е на чекор до место на Олимписките игри во Франција, откако забележа и втор триумф на квалификацискиот турнир, овојпат против Словенија со 32-22. Шпанците беа предводени од голманот Де Варгас кој имаше 18 одбрани со 47% успешност.

Словенците отворија одлично, во два наврати водеа и со плус три, но во тој период пелистерецот Нејц Цехте беше вторпат исклучен, па Зорман мораше да менува во нападот.

Шпанците заиграа подобро во одбраната, Де Варгас одбрани што требаше да се одбрани и следуваше голем пресврт набрзина. Погодуваа Хернандез, Сердио, Гомез…и домашните веќе беа на плус шест 16-10.

Ферлин и Лесјак не беа во елемент за разлика од противничкиот голман, па „фуријата“ уште на паузата ја обезбеди победата, 20-13. Вториот дел беше само формално одработување на задачата, а Цехте во финишот заработи и трето исклучување за црвен картон.

На вториот меч од оваа група што се игра во Гранољерс, селекцијата на Бразил минимално го победи Бахреин со 25-24 и останува во борба за место на ОИ. Шпанија е на милиметри до место на ОИ, а Словенија ќе мора да победи против Бахреин за да се пласира во Париз.

Се одигра и еден натпревар од бараж квалификациите за Светското првенство во 2025 година во кој Словачка го совлада Израел со пресврт со 26-25, иако на полувреме беше 14-16.