Дала изјава по меч – па си поднела оставка

|
14:11
Share on Facebook

Членката на УО на Ракометната федерација на Унгарија, Ерика Киршнер, поднесе оставка поради непримерна изјава дадена по натпревар од младинското првенство.

Поранешната ракометарка, која со Унгарија ја освои европската титула во 2000 година, реши сама да се повлече од функцијата, оценувајќи дека нејзината реакција не била достојна за позицијата што ја извршувала.

Киршнер во своето обраќање објасни дека на натпреварот била присутна како родител, но дека по мечот си дозволила да даде изјава што ја смета за неспоива со нејзината улога во федерацијата.

„По натпреварот од младинското првенство, додека бев во улога на родител, дадов изјава што не беше достојна за функцијата што ја извршував во федерацијата. Жал ми е за тоа што се случи, но не можам да се правам дека тоа не се случило. Затоа донесов одлука да се повлечам од функцијата член на УО“, изјави Киршнер за унгарските медиуми.

Во објавените информации не се наведува за кој точно натпревар станува збор, што точно кажала Киршнер и кон кого биле насочени нејзините зборови. Не била поведена дисциплинска постапка, туку станува збор за лична одлука на поранешната унгарска репрезентативка.

УО на федерацијата ја прифатил нејзината оставка и изразил надеж дека Киршнер и надвор од раководната структура ќе продолжи да работи во интерес на унгарскиот ракомет.

Киршнер беше дел од тимот на Херц Ференцварош кој играше во финалето на Лигата на шампионите против Кометал Ѓорче Петров во 2002 годината, а потоа настапуваше и за австрискиот Хипо. Во моментов ја извршува претседателската функција во клубот Вац.

Share on Facebook

Хрватска со играчи од Рајн Некар и Фуксе Берлин против Македонија на ЕП

Авор: Душко Андов
| 28 јуни 2026
13:01
Share on Facebook

Еден од противниците на Македонија на претстојното Европско првенство за младинци, Хрватска, веќе ги одработува подготовките за настапот на кониненталниот собир.

Селекторот Денис Шпољариќ има на располагање 18 ракометари, меѓу кои се четворица интернационалци.

Тука се левиот бек Матеј Александер Симичиќ од Рајн Некар Левен и десниот бек Филип Доминиковиќ од Фуксе Берлин, како и двајца што играат во Шведска – Лука Цапан од Луги и Нико Петровиќ од Тумба.

Хрватите ќе одиграат три контролни средби пред ЕП – две против Словенија на гости и дома, како и меч против Унгарија.

Македонија ќе се соочи со Хрватска на 9 јули од 13:30 часот, а во групата се уште скандинавските селекции Данска и Норвешка.

Share on Facebook

Вероника Ѓорѓиевска стави потпис на нов договор со Вардар

Авор: Душко Андов
| 27 јуни 2026
10:00
Share on Facebook

Екипата на Вардар, која во новата сезона ќе биде дел и од европските купови, продолжува со формирањето на ростерот.

Голманката Вероника Георгиевска е следната во низата ракометарки што ги продолжија соработките со Вардар.

Чуварот на мрежата ги мина сите младински категории на „црвено-црниот“ тим и сега е важна алка во играта на некогашниот македонски првак.

Вардарки претходни ги обновија договорите со Елена Балоска, Мила Ристовска, Мина Ѓурческа, Евгенија Смиљковска, Ивана Трифуноска, а се засилија на голманската позиција со Марија Дуновска.

Во Вардар остануваат и голманката Марија Галачева, потоа Дона Тодоровска, Драгана Тодоровска и Неда Јанева.

 

____________________________________________________________________________________________________
 ▶▶▶ Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________

Share on Facebook

Хрватска легенда седнува на клупата на Иран!

Авор: Душко Андов
| 28 јуни 2026
16:59
Share on Facebook

Иранската ракометна федерација и официјално го назначи хрватскиот стратег Ненад Кљајиќ за нов селектор на машката сениорска репрезентација. Кљајиќ треба да пристигне во Техеран на 1 јули, кога и официјално ќе ја започне својата работа.

Кљајиќ е едно од најпознатите имиња во хрватскиот ракомет. Во играчката кариера настапи 69 пати за репрезентацијата на Југославија и дури 145 натпревари одигра за Хрватска. Меѓу неговите најголеми успеси се олимпиското злато од Атланта 1996, две титули во Лигата на шампионите и трофејот во Европскиот Супер куп.

Како тренер има богато меѓународно искуство. Го водеше Загреб до полуфинале во европските натпреварувања, а работеше и во Саудиска Арабија, каде двапати беше селектор на националниот тим. Со Саудијците избори пласман на Светско првенство, заврши меѓу четирите најдобри на Азиското првенство и го освои златниот медал на Исламските игри во 2017 година.

Во клупската кариера ги предводеше и Ал Рајан од Катар, Олимпијакос од Грција, Ал Араби од Кувајт и Ал Аин од Обединетите Арапски Емирати.

Од Иран очекуваат искусниот хрватски стручњак да внесе нова енергија во националниот тим и да помогне репрезентацијата да направи нов исчекор во азискиот и светскиот ракомет.

Share on Facebook

Бутел Скопје се раздели со Шилегов, Киселовски, Новаковски…

Авор: Душко Андов
| 29 јуни 2026
11:05
Share on Facebook

Бутел Скопје, тимот што заврши веднаш зад големата четворка минатата сезона, ова лето врти нова страница во клупската историја. На клупата седнува легендарниот Стојанче Стоилов, а ќе има големи промени во играчкиот кадар, но продолжува концептот со македонски ракометари.

На крајот на сезоната бутелци се разделија со осуммина ракометари. Заминаа десното крило Мице Шилегов, средниот бек Леонид Киселовски, пивотот Матеј Новаковски, левиот бек Христијан Ѓурмешевиќ…

Левиот бек Тодор Узунчев се пресели во Младост Богданци, десниот бек Димитар Узунчев треба да оди во Целје, додека голманот Благојче Трајкоски потпиша за Прилеп, а голманот Александар Стојаноски замина во германската Аполда.

Бутел Скопје веќе промовираше две засилувања – голманите Градимир Чаневски и Марко Богдановски, двајца ракометари ги продолжија договорите – кружниот напаѓач Дејан Михајловиќ и десното крило Бојан Спасовски, а допрва треба да бидат промовирани уште неколку нови имиња.

Share on Facebook

Парондо останува во Мелсунген до крај на договорот – ќе го води во дебитанската сезона во ЛШ

Авор: Редакција
| 27 јуни 2026
22:08
Share on Facebook

Роберто Гарсија Парондо нема да го напушти Мелсунген ова лето и покрај гласините дека ПСЖ сака веднаш да го донесе на својата клупа. Спортскиот директор на германскиот клуб, Јеспер Ларсон, јасно порача дека очекува шпанскиот стратег да го води тимот и во сезоната 2026/27.

Мелсунген е ривал на Вардар во грпната фаза од Лигата на шампионите и токму во првото коло „црвено-црните“ ќе гостуваат во Германија. Сезонава исто така двата тима беа во иста група во Лига Европа и на двете средби победи Вардар.

Во изминатиот период низ европските медиуми се појавија информации дека ПСЖ сака да го ангажира Парондо уште ова лето. Сепак, од Мелсунген категорично ги отфрлаат таквите најави.

Ларсон нагласил дека смета на Парондо за следната сезона и дека ниту од други клубови, ниту од самиот тренер добил каков било сигнал дека би можело да дојде до разделба уште сега. За него, Парондо останува клучен дел од проектот на Мелсунген и човек што заслужено ќе го води тимот и во Лигата на шампионите.

Мелсунген зад себе има историска сезона. Германскиот клуб ја освои Европската лига, што е еден од најголемите успеси во неговата историја, а со тоа обезбеди и прв настап во Лигата на шампионите. Токму затоа во клубот не сакаат никакви потреси на тренерската позиција пред дебитантската сезона во европската елита.

Иако Парондо нема да си замине ова лето, веќе е познато дека неговата приказна во Мелсунген ќе заврши во 2027 година. Клубот веќе потврди дека тогаш на клупата ќе седне Јарон Сиверт, кој до тој момент ќе има советодавна улога и ќе биде вклучен во скаутингот, креирањето на ростерот и планирањето на иднината.

Според германските медиуми, Парондо уште во февруари го известил клубот дека по истекот на договорот сака да го направи следниот чекор во кариерата и да замине во меѓународен врвен клуб. Токму затоа ПСЖ и понатаму се споменува како можна следна дестинација, но не во 2026, туку во 2027 година.

____________________________________________________________________________________________________
 ▶▶▶ Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________

Share on Facebook