„Да не беа моите ѓаволски суеверија, одамна ќе се избричев“

Европскиот шампион Магдебург оваа сезона игра одлично на сите фронтови, а годината ја заврши со 27 натпревари без пораз.

Избраниците на младиот стратег Бенет Вигерт се лидери во Бундес лигата со 15 победи, едно реми и два порази, додека во Лигата на шампионите каде што ја бранат титулата се на второто место во групата зад Барса со два порази на десет меча.

Вигерт беше запрашан дали ќе се избричи кога неговиот тим ќе загуби.

„Се дигна голема фама околу мојата брада. Јас одамна ќе се избричев, да не беа моите ѓаволски суеверија. Јас сум суеверен. Но како и да е, брадата на Вигерт не треба да биде во центарот на вниманието, туку тоа како игра екипата, а тоа е феноменално“, изјави германскиот стратег за тамошните медиуми.

Магдебург сезонава веќе освои еден трофеј на неофицијалното светско клупско првенство, Супер Глоуб, со победи над Барселона и Фуксе Берлин.