Ракометарите на Вардар Неготино прославија златна победа во битката за опстанок, откако на домашен терен славеа против новиот суперлигаш од Автокоманда со 32-26. Неготинци беа подобри во текот на целиот натпревар од ривалот, предводени од Петар Бугариновиќ и Лазар Адамовиќ, како и Александар Мицев, и во ниту еден момент не им дозволија на гостите да се надеваат на позитивен резултат од ова гостување.
Сега Вардар Неготино има 18 бодови на четвртото место на табелата во плеј-аутот и ги задржа шансите за опстанок во елитното друштво, додека „сино-белите“ од Автокоманда останаа на 14 на петтото место и многу веројатно ќе се вратат таму од каде што дојдоа – во Првата лига.
Домашните, кои во ростерот го немаа Драган Кузманов, отворија со водство од 4-1, беше и 6-2, па 8-4, но гостите успеаја да ја преполоват негативата. Голманот на неготинци, Мицев, одбрани пенал, фати уште еден удар и Вардар Неготино одново се одлепи на плус четири, 10-6.
Имаа избраниците на Игор Котевски напад и за плус пет, но не беше искористен, па до паузата се играше најчесто гол за гол и по триесетина минути резултатот беше 16-13.
Во второто полувреме неготинци имаа мала криза во нападот, гостите на два пати намалија на минус еден погодок, но немаа сили да се вратат комплетно во натпреварот. Српските бекови Бугариновиќ и Адамовиќ диригираа во нападот, гостинската одбрана немаше решение за нив и Вардар Неготино по 20-19 постигна три гола по ред за 23-19 и тоа беше клучниот период на мечот.
Потоа домашниот тим само искусно и рутински успеа да ја задржи предноста, а и да ја зголеми до крајот за конечни плус шест, 32-26. Бугариновиќ даде 12 гола, Адамовиќ девет за победничкиот тим, додека во поразната екипа, Димитар Узунчев даде сум погодоци.