Европската ракометна федерација (ЕХФ) денес информираше дека „МВМ Доме Арена“ во Будимпешта ќе биде домаќин на Ф4 турнирот од ЛШ кај дамите и во следните три години, односно најмалку до 2027 година.
ЕХФ и ракометната куќа на Унгарија ја продолжија одлична соработка, која датира од сезона 2013/14. Во првите седум сезони, завршницата во Будимпешта се играше во „Ласло Пап Арената“.
Од сезона 2013/14 кога е воведен новиот формат во Лигата на шампионите, унгарската престолнина е домаќин на најдобрите четири екипи од европската елита.
Некогашниот шампион на Македонија – Вардар петпати играше на Ф4 турнирот, трипати завршуваше на третото место, а двапати играше во големото финале, но „црвено-црните“ не успеаја да се израдуваат на трофеј.
Утре со натпреварот меѓу Есбјерг и Ѓер ќе започне големата битка за трофејот во елитата кај дамите. На Ф4 турнирот во Будимпешта ќе учествуваат и францускиот Мец, како и дебитантот Битигхјам од Германија.